Monday, August 11, 2008

Олимпискиот шампион хрватска со победа на стартот

Освојувачот на златниот медал од игрите пред четири години, Хрватска ја почна одбраната на титулата со победа во дуелот со Шпанија од 31:29, но во натпревар во кој имаше многу проблеми и повреда кај најдобриот ракометар.Хрватите наметнаа свое темпо уште на стартот на средбата. Многу брзо покажаа дека се решени игрите да ги почнат со победа и на средина на првиот дел веќе водеа со 9:5. Иако Шпанците се обидуваа да направат с$ за да се вратат и да фатат приклучок, сепак, не успеваа, а голманите Хомбрадос и Баруфет беа далеку од нивото на кое сме навикнати да ги гледаме. Заедно имаа само шест одбрани на крајот на средбата, што секако е една од причините за поразот на крајот.Падот во играта на Хрватска се случи откако теренот го напушти Ивано Балиќ. Тој заработи повреда на ногата и поради тоа мораше да ја напушти играта. Тоа значеше и целосно менување на концепцијата во играта на селекцијата на Хрватска, така што без Балиќ беше далеку потешко во нападот. Сепак, го имаа Дувњак, кој ја презема одговорноста во свои раце и до крајот на првиот дел одново се дојде до пет гола позитива, 16:11.Второто полувреме мина во израмнета игра. Шпанците одново се обидоа да намалат, но немаа доволно сили за да успеат порано да стигнат до нерешен резултат и да влезат во финишот со поголеми шанси. Тоа го направија во 51. минута при 26:26. Дури успеаја и да поведат потоа, но како да застанаа, па дозволија Хрватска да се врати во игра и до крајот на мечот да добие шанса за победа. Херојот се вика Домагој Дувњак бидејќи неговиот гол на 50 секунди до крај го реши победникот.
Балиќ не игра на три средби
Репрезентативците на Хрватска ќе мора да играат три средби без својот најдобар ракометар. Ивано Балиќ во 23. минута од дуелот против Шпанија мораше да го напушти теренот, а причината е во повредата на мускулот на ногата во пределот на листот,."Почувствував силна болка, како некој да ме пресече со нож. Не можев да продолжам, но се надевам дека многу брзо ќе се вратам назад", вели Балиќ.Информациите од докторите говорат дека тој нема да може да игра на следните три средби, но дека би требало да биде подготвен за последниот дуел од разигрувањето по групи, а потоа и за четвртфиналето.

No comments: